Поддршка за новата власт во Каракас
Руското Министерство за надворешни работи го поздрави назначувањето на Делси Родригез за привремен претседател на Венецуела и порача дека земјата треба самостојно да одлучува за својата судбина, без странско мешање. Поддршката од Москва доаѓа по апсењето на поранешниот претседател Николас Мадуро од американските специјални сили.
Во официјалното соопштение објавено денеска, руското МНР оцени дека преземениот чекор е насочен кон зачувување на институционалната стабилност и единството во земјата.
„Овој чекор ја покажува решеноста на боливарската влада да гарантира единство и да ја зачува власта воспоставена во согласност со националното законодавство“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Од Москва упатија јасна поддршка до Делси Родригез и до венецуелските власти, нагласувајќи ја потребата од немешање во внатрешните работи на земјата.
„Ја потврдуваме непоколебливата солидарност на Русија со венецуелскиот народ и влада. Му посакуваме на новоизбраниот претседател Родригез успех во решавањето на задачите со кои се соочува Боливарската Република. Цврсто ја поддржуваме позицијата дека на Венецуела треба да биде гарантирано правото сама да ја одредува својата судбина, без какво било деструктивно надворешно мешање. Постојано инсистираме на деескалација (…) и решавање на сите постојни проблеми преку конструктивен дијалог и почитување на меѓународните правни норми, првенствено на Повелбата на ОН“, се додава во соопштението.
Апсењето на Мадуро и реакциите
Отстранетиот претседател Николас Мадуро вчера се изјасни за невин по обвиненијата за трговија со дрога, кои против него ги поднесе суд во Њујорк. Тој беше приведен во американска операција, по што венецуелските политички структури во Каракас започнаа обиди за прегрупирање на власта.
Родригез положи заклетва како привремен претседател
Делси Родригез, која претходно беше потпретседател и министер за нафта, денеска официјално положи заклетва како привремен шеф на државата. Венецуелските власти тврдат дека промената е извршена во согласност со националното законодавство, додека меѓународните реакции продолжуваат да ја продлабочуваат политичката и дипломатската напнатост околу иднината на Венецуела.
