Медиазона, еден од последните независни медиуми во Русија, основан од членовите на рускиот феминистички бенд „Пуси Рајот“ Марија Аљохина и Надежда Толокоњикова, соопшти дека е блокиран од властите поради известување за инвазијата на Украина.

Рускиот интернет регулатор Роскомнадзор почна да го блокира Медиазона, се вели во соопштението. АФП потврди дека Медиазона сега е на официјалната листа на блокирани страници во Русија, пренесува Хина.

„Оваа мерка е преземена затоа што искрено покриваме што се случува во Украина и затоа што инвазијата ја нарекуваме инвазија, а војната војна“, соопшти Медиазона.

„Руските власти штотуку воспоставија воена цензура и во земјата речиси и данема независни медиуми“, се вели во соопштението.

Руските власти наредија радикален удар врз медиумите и социјалните мрежи уште на почетокот на руската инвазија во Украина на 24 февруари. Тие донесоа закон со кој се предвидува строга затворска казна за секое ширење „лажни информации за руската армија“.

Независната интернет телевизија Дојд во четвртокот објави дека престанала со работа, а радио станицата „Ехото на Москва“ престана да емитува програма откако нејзината веб-страница беше блокирана.

Десетици вработени во независни компании и медиуми, вклучително и Дојд и Медиазона, беа класифицирани како „странски агенти“ во Русија во последните месеци, а многу новинари и уредници беа принудени да ја напуштат земјата.

Многу експерти сметаат дека ниту еден независен руски медиум нема да може да опстане во Русија во блиска иднина, дури ни престижниот весник Новаја Газета, чиј главен уредник ја доби Нобеловата награда за мир во 2021 година.

Медиазона е онлајн медиум кој, меѓу другото, покрива судски случаи во кои се вклучени политички активисти, ги следи протестите на опозицијата и случаите на малтретирање затвореници.

Основана е во 2014 година од членките на групата Пуси Рајот Надежда Толокоњикова и Марија Аљохина, по отслужувањето на затворската казна на која беа осудени по нивната протестна молитва во 2012 година во црквата Христос Спасител во Москва, демонстрирајќи против Владимир Путин.