Украина во вторникот извела еден од своите најголеми напади со беспилотни летала врз Москва, а руското министерство за одбрана соопшти дека сите тие летала се уништени додека се приближувале кон руската престолнина

Нема извештаи за смртно настрадани. Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин изјави дека две лица се повредени, од кои едното било примено во болница. Станарите на две влеза во 24-катен станбен блок во јужните периферни населби на Москва се евакуирани рано утрото, но подоцна се вратени во своите домови.

„Рано утрово, како резултат на напад со дронови, дојде до помали штети на неколку згради. Никој не е потешко повреден“, изјави Собјанин.

На едно од видеата објавени на социјалните мрежи е прикажан предмет кој наликува на соборен дрон и облак од чад како се издига над хоризонтот на Москва.

Аеродромите во Москва цело време во вторникот утрото останале отворени, известуваат дописниците на западните медиуми.

Руското министерство за одбрана соопшти дека дроновите се лансирани од страна на властите во Киев, но дека сите се уништени.

Рускиот парламентарец Максим Иванов изјави дека станува збор за еден од најсериозните напади врз Москва од нацистичките напади во Втората светска војна, потсетувајќи дека ниеден граѓанин сега не може да го избегне она што е „нова стварност“.

„Или ќе го победите непријателот со единствената рака или неизбришливиот срам на кукавичлукот, колаборацијата и предавството ќе го проголта вашето семејство“, изјави Иванов.

Украинските напади со беспилотни летала на територијата на Русија последните седмици се сѐ поинтензивни, според руските власти, иако Киев не ги коментира таквите инциденти. Весникот The New York Times пишува дека американските разузнавачки служби веруваат дека Украина стои зад обидот за напад врз Кремљ претходно месецов.

Руската Истражна комисија соопшти во вторникот дека повеќе дронови се соборени и дека настанале помали оштетувања поради падовите на остатоците од леталата, но не прецизира за колку дронови станува збор.

Telegram каналот База, кој цитира високи извори од руското разузнавање, објави дека околу 25 дронови ја нападнале Москва. Руската јавна телевизија цитираше неименуван извор од министерството за внатрешни работи кој рекол дека се соборени повеќе од 10 дронови. Андреј Воробјов, гувернер на Московската област, објави на Telegram дека неколку дронови биле соборени додека ѝ се приближувале на Москва.