Владата на Руската Федерација денеска одобри список на странски држави и територии кои вршат непријателски дејствија против Русија, нејзините компании и граѓани, јавија руските медиуми.
На списокот се наоѓаат Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија.
Земјите и териториите споменати во списокот воведоа или им се придружија на санкциите против Русија по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Наредбата е изготвена со претседателски декрет од 5 март 2022 година. Според документот, Владата, руските граѓани и компаниите кои имаат девизни долгови кон странските кредитори од списокот на непријателски земји ќе можат да ги платат во рубљи.