Во првиот квартал од оваа година Русија забележува најголем суфицит на тековната сметка од 1994 година, бидејќи приходите од извозот на нафта и гас се зголемија, а увозот се намали откако САД и нивните сојузници воведоа санкции поради руската воена акција во Украина.

Овие приходи се клучен руски извор на цврста валута за време на војната и им овозможуваат на властите да плаќаат за увозот, да ја поддржуваат економијата и да ја вратат довербата во рубљата, наведува агенцијата „Блумберг“.

Суфицитот на тековната сметка на Русија, како најширока мерка за трговските и инвестициските текови, достигна 58,2 милијарди долари минатиот квартал, што е двојно повеќе од 22,5 милијарди долари пријавени една година претходно, соопшти Банката на Русија.

Софија Донец, економист во инвестициската компанија „Ренесанс капитал“ (Renaissance Capital) во Москва, проценува дека вишокот изнесувал 19 милијарди долари во март, првиот цел месец од почетокот на конфликтот со Украина.

Ефектот од санкциите допрва треба да се одрази на извозот – вели таа.

Иако се очекува широките санкции да предизвикаат најдлабока рецесија во Русија во последните децении, европските санкции засега не се однесуваат на клучниот руски извоз на енергија, од кој земјата значително заработи по скокот на цените на енергијата по почетокот на војната во Украина.

Контролата на капиталот, која беше воведена за да се ограничи падот на рубљата, значи дека одливот на инвестиции од Русија речиси е запрен.

Аналитичарите на „Блумберг економикс“ предвидуваат дека Русија ќе заработи речиси 321 милијарда долари од извозот на енергија оваа година или над 30 отсто повеќе отколку во 2021 година. Истовремено, Институтот за меѓународни финансии проценува дека суфицитот на тековната сметка на Русија оваа година би можел да достигне и до 240 милијарди долари.