Претседателот на Долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, денеска изјави дека од парламентарна процедура се повлекува законот со кој на невакцинираните лица ќе им се забрани да патуваат со авион или воз.

-Мораме да балансираме кога носиме такви одлуки, бидејќи треба да го почитуваме мислењето на народот, рече Володин.

Неколкуте бранови од епидемијата на коронавикрусот силно ја погодија Русија, бидејќи процентот на вакцинирани е сè уште низок, а луѓето малку ги почитуваат препораките и ограничувањата.

Помалку од 50 отсто од 146-те милиони граѓани на Русија се вакцинирани, иако земјата беше меѓу првите што разви и одобри вакцина против коронавирусот.

Рестриктивните мерки требаше да стапат во сила во февруари следната година, но граѓаните веднаш изразија незадоволство од одлуката со протести и потпишани петиции против новите мерки.

Од почетокот на пандемијата во оваа земја Ковид-19 беше регистриран кај повеќе од 10 милиони лица, а околу 289.000 починаа.