Руското Министерство за одбрана предложи роднините на војниците убиени во Украина да се обратат до воените наместо цивилните власти за исплата на отштета, со што ќе се создаде дополнително ниво на тајност во однос на нивните воени загуби.
Русија ја третира смртта на војниците како државна тајна дури и во време на мир и ги нема ажурирано официјалните податоци за загубите во Украина веќе четири недели.
Со овој предлог, Министерството за одбрана побара обештетувањето што им се исплаќа на семејствата на загинатите војници повеќе да не го надгледуваат цивилни службеници, туку воени канцеларии. Овој потег е осмислен за да го „ограничи кругот на луѓе“ кои имаат информации за тоа колку руски војници се убиени во Украина.
Предлогот се појави на страницата со правни информации на владата, но не е јасно кога владата планира да го спроведе.
Министерството на 25 март објави дека 1.351 војник биле убиени и 3.825 ранети откако Москва ја започна, како што ја нарекува, специјалната воена операција во Украина на 24 февруари.
Оттогаш нема информации за воени жртви, но портпаролот на Кремљ зборуваше за „значителни загуби“. Украина и западните влади велат дека веруваат дека бројот на руски жртви е значително поголем, пренесе Индекс.хр.