Рускиот државен медиум РИА новости ја објави својата геополитичка прогноза за 2023 година, со акцент на Западен Балкан.
„Прогнозите за следната година се движат од ‘ништо не може да нѐ изненади’ до ‘сè ќе се промени’“, велат тие.
„Но, нема смисла да се чека крајот на светот или да се надеваме на чудо – 2023 година ќе стане логично продолжение на 2022 година и ќе ги продолжи трендовите од претходната година во многу поголема мера од минатата година. Практично е загарантирано дека главен настан оваа година ќе останат борбите во Украина и сѐ што е поврзано со нив. А речиси сè е поврзано – од цените на суровините до процесот на уривање на атлантскиот светски поредок“, пишува РИА новости.
„Иако Европа, која одеднаш стана најжешката точка во светот, бидејќи реши да се прошири на исток на сметка на руската земја и она што се случува во Украина го смета за своја, а не за руска работа, ќе биде во возбудена состојба во текот на целата 2023 година, нема гаранции дека традиционално најопасниот регион на светот, Блискиот Исток, нема да си го врати вниманието на светската заедница“, се додава.
РИА новости понатаму тврди дека поместувањето на геополитичкото тежиште ќе продолжи од Европа и Медитеранот кон регионот на Пацификот, но и дека „повеќето од најжешките болни точки остануваат во Азија и Европа – тука не само Косово, туку и Босна може да експлодира во новата година“, наведува руската новинска агенција.
За прашањето за Тајван тврдат дека ќе стивне оваа година, но дека тоа нема да ја спречи конфронтацијата меѓу САД и Кина.
„За колективниот Запад новата година ќе биде тест на силата, како за односите меѓу ЕУ и САД, така и за самата ЕУ. Незадоволството на Европејците кон Американците ќе расте, но ќе биде совладано од стравот што се пумпа пред ‘руската закана’. Противречностите во ЕУ ќе се зголемат, но не толку за да ја парализираат организацијата.“
Франција и Германија нема да можат да се договорат за суштината на заедничкото лидерство, ниту за принципот на стратегиска автономија, ниту ќе можат да се договорат за плановите за прием на Западен Балкан во ЕУ. Барањето за почеток на преговори со Русија за новите принципи на стратегиска безбедност на континентот ќе звучи сè поупорно, но елитите како целина ќе продолжат да ја држат линијата, надевајќи се дека Европа ќе успее да ја задржи Украина за себе.