Руската војска објави дека сака Украина да се обврзе дека нема да го користи коридорот за извоз на жито за воени цели, по нападот врз нејзината флота на полуостровот Крим и раскинувањето на договорот за извоз на жито од украинските пристаништа.

„Не може да стане збор за гарантирање на безбедноста во таа зона додека Украина не преземе дополнителни обврски дека нема да го користи тој пат за воени цели“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Министерството ги повика ОН, гарант на договорот за извоз на жито потпишан во јули, да помогнат во добивањето гаранции од Украина дека нема да ги користи „хуманитарниот коридор и украинските пристаништа наменети за извоз на земјоделски производи за непријателски дејствија против Русија“.

Руските власти во саботата соопштија дека се повлекуваат од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, што е од витално значење за снабдувањето со храна во светот, по нападот на Крим, за кој Москва ги обвинува Украина и Велика Британија.

Договорот склучен во јули под покровителство на ОН и Турција, овозможи извоз на неколку милиони тони жито блокирано во украинските пристаништа од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари. Таа блокада предизвика скок на цените на храната и ги зголеми стравувањата од глад.