Две интернет-страници на полската влада се хакирани и користени за ширење лажни информации за непостоечко истекување на радијација. Според полски претставник, сајбер-нападот бил извршен од Русија.

На веб-страниците на Националната агенција за атомска енергија и Министерството за здравство, кратко време беа објавени лажни извештаи за истекување на нуклеарно гориво во соседна Литванија, што претставува закана и за самата Полска.

Портпаролот на полската безбедност, Станислав Зарин, изјави дека инцидентот „изгледа како типичен руски обид“ да се внесе сомнеж и поделба меѓу западните сојузници.

Тој додаде дека минатата година имало сличен сајбер-напад со објавување лажни информации за непостоечки радиоактивен облак што дошол во Полска од Чернобил.