Рускиот претседател Владимир Путин направи „големи отстапки“ на средбата со својот американски колега Доналд Трамп во Алјаска на 15 август, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
– Мислам дека Русите направија големи отстапки на претседателот Трамп, за прв пат откако започна конфликтот пред три и пол години. Тие всушност сакаат да бидат флексибилни во врска со некои од нивните основни барања, рече Венс во интервју за американската телевизиска мрежа Ен Би Си, без да даде детали.
И претседателот Трамп по состанокот во Алјаска објави „голем напредок со Русија“, иако и тој не прецизира за што станува збор.
– Војната не е во ничиј интерес. Ниту Европа, ниту САД, а ние не мислиме дека Русија или Украина имаат некаков интерес да продолжат да се борат, заклучи Венс за Ен Би Си.
Стив Виткоф, специјалниот претставник на американскиот претседател, на 17 август спомена дека Москва изразила подготвеност да направи „територијални отстапки“ во пет украински региони, осврнувајќи се на териториите што ги окупирала.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во петокот потврди дека Русија се согласила да покаже флексибилност по голем број точки предложени од Трамп по состанокот во Алјаска, но и тој не даде детали што е договорено. (МИА)