Руската полиција накусо ги приведе двајцата адвокати на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, веднаш откако денеска беше осуден на девет години затвор за измама и непочитување на судот.

Адвокатите – Олга Михаилова и Вадим Кобзев – беа уапсени пред казнената колонија, каде што Навални веќе издржува една казна, неколку минути откако судот ја објави својата одлука. Двајцата соопштија дека Навални ќе поднесе жалба на казната.

Михаилова и Кобзев се чини дека се приведени со образложение дека го попречувале автомобилскиот сообраќај пред затворот, каде разговарале со претставници на медиумите.

Малку подоцна Кобзев на Твитер објави дека тој и Михајлова се веќе ослободени.

Рускиот претседател Владимир Путин „се плаши од вистината“, напиша Навални во неколку објави на Твитер по објавувањето на денешната пресуда, ветувајќи дека ќе ја продолжи борбата против Кремљ. „Путин се плаши од вистината, јас отсекогаш сум го велел тоа. Борбата против цензурата и доближувањето на вистината до народот на Русија останува наш приоритет“, напиша тој.