Еден руски документарен филм во кој Бугарија е избришана од картата на словенската култура предизвика огромни реакции на Бугарите на социјалните мрежи. Можеби најмногу поради тоа што во филмот се тврди дека татковина на словенската азбука е Македонија, пишува „Независен“.
Филмот се вика „Една вера, еден јазик“, сценариото и режијата се на Елена Мироненко. На 22 декември се прикажуваше на филмскиот фестивал во Македонија наречен „Богородичен покров“. Според податоците, филмот бил прогласен за „Најдобар телевизиски филм на регионално телевизиско студио“ на XXVI меѓународен филмски и ТВ фестивал „Радонеж“ во Москва. На фестивалот „Богородичен покров“ се прикажуваа документарни и играни филмови посветени на културното и духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови од Македонија, Русија, Србија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија и Франција.
Што е она што ги разгневи Бугарите на социјалните мрежи?
Најмногу дека филмот „Една вера, еден јазик“ се снимал со помош на руската амбасада во Македонија и дека татковината на словенската азбука е Македонија, а браќата Кирил и Методиј немаат никаква врска со Бугарија, која не е ни претставена како литературен и православен центар во Балканот во IX и X век.
Во филмот е прикажана карта на Југоисточна Европа од IX век, на која Бугарија не е ни означена. Покрај зборовите „Македонија е родното место на словенската азбука“, нараторот зборува дека сите древни духовни текстови на Русија, Украина, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија се напишани на црковнословенски, кој потекнува од Македонија.