Руски ракетен напад во Киев ја оштети македонската амбасада, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР). За среќа, во моментот на нападот амбасадата била празна, поради што нема повредени меѓу дипломатскиот персонал. Сепак, причинета е материјална штета врз просториите на амбасадата.
Македонија во моментов нема амбасадор во Украина, па дипломатско-конзуларното претставништво го води вршител на должност.
Оштетени шест амбасади во истата зграда во руски ракетен напад
Покрај македонската амбасада, оштетени се уште пет други амбасади, кои се сместени во истата зграда. Според портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Хеорхиј Тихи, оштетени се амбасадите на:
- Албанија
- Аргентина
- Палестина
- Португалија
- Црна Гора
„Во текот на денешниот ден, неколку амбасади во Киев беа погодени од ракетен напад. Сите тие се наоѓаат во иста зграда, која претрпе значителни оштетувања од ударот на руските ракети,“ изјави Тихи.
Објавени се и фотографии од оштетувањата, каде се гледа внатрешноста на амбасадите, како и оштетен автомобил со дипломатска табличка, кој припаѓа на една од амбасадите.
МНР: амбасадата беше празна, се работи на санација
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија објави дека амбасадата била празна во моментот на нападот, поради што нема повредени лица меѓу дипломатскиот персонал.
-
„По извршениот првичен увид на лице место, нашите служби започнаа активности за поправка на причинетата штета. Проценката на оштетувањата е завршена и веќе е во тек санацијата,“ се наведува во соопштението на МНР.
Првичната проценка покажала материјална штета врз објектот на амбасадата, а веќе се преземаат мерки за санација.
Европската комисија го осуди нападот
Европската комисија го осуди нападот, оценувајќи дека овој чин уште еднаш ја потврдува криминалната природа на режимот на Владимир Путин. Портпаролката на Европската комисија за надворешна политика и безбедност, Анита Хипер, во својата изјава истакна:
-
„Оваа агресија е уште еден доказ за опасноста што ја претставува режимот на Владимир Путин. Неговите постапки се закана не само за безбедноста на Украина, туку и за Европската унија и глобалната безбедност,“ изјави Хипер.
Цел на нападот не била македонската амбасада
Според официјалните извештаи, амбасадите не биле директна цел на рускиот напад. Цел на ударот бил објект на украинските безбедносно-воени служби, кој се наоѓа во непосредна близина на зградата каде што се сместени амбасадите.
Овој објект бил примарна мета на нападот, но оштетувањата на зградата каде што се наоѓаат амбасадите се резултат на близината на ударот.