Амбасадорот на Руската федерација Сергеј Баздникин денеска ја посети Општина Битола и се сретна со градоначалникот Тони Коњановски.
Од Општина Битола информираат дека на средбата со рускиот амбасадор, градоначалникот Коњановски ја образложил својата визија за следниот четиригодишен период, ставајќи главен акцент на приоритетните проекти на оваа локална самоуправа.
– Главен фокус во наредниот период ќе биде создавањето подобри услови за стопанствениците, привлекување инвестиции и подобрување на економската состојба на граѓаните, како и проектите за изградба на нова противпожарна единица и спортски комплекс, но и планираните вложувања во инфраструктурата и здравата животна средина, истакнал Коњановски.
Амбасадорот Баздникин ја потврдил поддршката и отвореноста за соработка на Руската федерација на државно ниво, во делот на здравствената заштита и имунизација на населението, како и за големиот напредок во врска со трговската размена помеѓу двете земји.
– Нова можност за идна соработка на локално ниво е земјоделскиот сектор, дигитализацијата на услугите, економската сфера, како и унапредување на веќе воспоставената комуникација во образованието и културата, посочил амбасадорот Баздникин.
Општина Битола во наредниот период во соработката со Руската федерација ќе се посвети на унапредувањето на туризмот, а преку добра туристичка понуда и поголемо задржување на туристите во градот, нагласуваат од Секторот за односи со јавност на локалната самоуправа.