Во посета на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) денеска е рускиот митрополит Антониј, директор на Одделот за меѓународни односи на Руската православна црква и викар на патријархот Кирил.

Како што информираат за МИА од МПЦ-ОА, во текот на денот Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ќе се сретне со рускиот митрополит Антониј.

Од МПЦ-ОА најавуваат дека во текот на денот ќе испратат соопштение за целите на посетата.

Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, синоќа изјави дека посетата на митрополитот Антониј, која не беше најавена ниту од МПЦ-ОА ниту од РПЦ, не е случајна, но не откри повеќе детали за причините и целта на доаѓањетто на рускиот митрополит.

– Средбата не е случајна. Ќе видиме што ќе ни претстават тие. Неблагодарно е да се зборува било што пред средбата, истакна владиката Тимотеј.

Посетата на митрополитот Антониј се случува во време кога МПЦ-ОА го очекува томосот од Вселенската патријаршија за автокефалност.

Претходно дел од бугарските медиуми, повикувајќи се на црковни извори, објавија дека тој доаѓа во Скопје да ги убедува македонските владици да не преговараат со Вселенската патријаршија и да бидат на линија со РПЦ. Потсетуваат и дека митороплитот Антониј во декември минатата година во Софија имал „тајна“ средба со бугарскиот патријарх Неофит по која, како што посочуваат, Синдот на БПЦ одлучи да го признае томосот на СПЦ за автокефалноста на МПЦ-ОА.