Во првиот организиран антивоен проглас во руското општество, голем број шаховски велемајстори, предводени од најдобриот меѓу нив Јан Непомнјашчи, упатија отворен апел до шефот на државата Владимир Путин за крај на војната и мир во Украина.

– Ние сме против воената акција на територијата на Украина и повикуваме на итен прекин на огнот и мирно решевање на судирот преку дијалог и дипломатски преговори. Неподносливо нè боли да ја гледаме катастрофата, која овие денови им се случува на нашите народи, се вели во смелиот апел што се појави на руската спортска станица „Чемпионат“ (Championat).

„Во овие трагични денови, нашите мисли се со сите луѓе, кои се најдоа во виорот на овој страшен судир. Ја споделуваме болката со нашите украински колеги и повикуваме на мир. Украинската шаховска репрезентација е актуелен европски првак и една од најдобрите во светот, заедно со нашата. Одигравме десетици и стотици меѓусебни натпревари. Секогаш спортот го стававме над политиката, а Украинците ни возвраќаа со иста мера и со почитување. Во замолуваме на екипите играчите и обичните луѓе да им дадете можност за меѓусебно почитување. Ние сме за мир. Ставете крај на војната!“, се наведува во апелот до Путин, потпишан од 33 руски велемајстори, од кои сите заедно со своите семејства претежно живеат во Русија.