Руските сопственици дале согласност да го продадат својот удел од 56,15 проценти во Нафтената индустрија на Србија (НИС), изјави министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, нагласувајќи дека процесот е во тек и во моментов се водат деловни разговори.

Таа посочи дека идниот купувач сè уште не се открива, бидејќи станува збор за преговори помеѓу големи компании и дека не е соодветно да се објавуваат детали пред да бидат прецизно договорени.

„Ништо не е скриено од јавноста. Како што видовте, досега комунициравме многу транспарентно за сè. Нашето барање е јасно, односно рафинеријата мора да продолжи да работи и што е можно поскоро да се обезбеди нов проток на сурова нафта. Ве потсетувам дека во Србија од Јанаф не пристигнала нафта 43 дена, граѓаните не го почувствуваа тоа, токму затоа што работевме напорно за да бидеме подготвени за сите сценарија ако и кога ќе има предизвици со Нафтената индустрија на Србија“, рече министерката.

Ѓедовиќ Хандановиќ информираше и дека НИС, преку свои правни застапници во САД, поднел барање до американската влада за продолжување на работната лиценца, што е неопходно за компанијата да може да продолжи со испораките на сурова нафта и непречено работење на рафинеријата.

„Сега чекаме одлука на американската влада за да кажеме дали она што го предложиле, и секако, во што сме вклучени, е во ред“, објасни таа.