Обвинителката Вилма Русковска, денес изјави за Дојче Веле дека претставката од Управата за финансиска полиција била испратена уште минатиот вторник, само еден ден откако обвинителите го започнаа претресот во оваа институција. Тоа што информацијата се споделува со јавноста една недела подоцна, според Русковска, претставува директен притисок врз нивната работа.
Со оглед на тоа дека претставката е поднесена минатиот вторник до обвинителот Јовески, нејзиното соопштување сега во јавноста го сметам за директен притисок врз работата на обвинителството и судот“, рече Русковска за ДВ.
Таа е изненадена од реакцијата на Управата за финансиска полиција и директорот Арафат Муареми.
Ние само проверуваме наводи во пријава и во тоа нема ништо лично. Ако е работено сѐ по закон, тогаш не ја разбирам паниката и притисокот што се прави, ќе повторам, врз обвинителството и судот, вели Русковска.