Советот на јавните обвинители на РСМ ја изготви листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите за избор на основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
На листата се четворица кандидати: Ислам Абази, Незири Ермон, Пауновска Деса и Русковска Вилма, откако Енѓелуше Кадриу – Леши ја повлече пријавата.
Според избирачки список, 163 јавни обвинители од земјава в понеделник на 7 ноември ќе гласаат за избор на нов шеф на ОГО ГОКК. Гласањето, како што појасни за МИА претседателот на Советот на јавни обвинители,Антонио Јолевски, ќе биде од 8 до 16 часот, по што Советот ќе направи јавно сумирање на резултатите.
На огласот за избор на основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје беа пријавени петмина кандидати, но јавните обвинители ќе избираат меѓу четворица кандидати – Пауноска и Абази кои доаѓаат од Вишото обвинителство – Гостивар, Незири од скопското Обвинителство и суспендираната шефица на ОЈО ГОКК Русковска.
Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Република Северна Македонија.
Како што информира за МИА претседателот на Советот на ЈО, Антонио Јолевски, на 7 ноември обвинителите ќе гласаат, по што се доставуваат резултатите, а Советот во рок од седум дена по гласањето треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.
Мандатот на суспендираната шефица на ОЈО ГОКК Вилма Русковска трае до 14-ти ноември, а за нејзина времена замена на 29 август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.
Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.