Случајот „Топлик“ е пред пресуда. Обвинителот Бурим Рустеми побара затворски казни за обвинетите, меѓу кои и екс – минситерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Според Рустеми, доказите упатуваат на директен договор меѓу обвинетите за продажба на државното земјиште на фирма за изградба на Сончев Град во општина Сопиште, а со тоа на буџетот му била нанесена штета од еден милион евра.
Степенот на кривичната одговорност, фактот дека истите контируирано се обидуваат во целост да ја избегнат кривичната одговорност, а со тоа и да се соочат од последиците од делото кое го сториле, при што воопшто не изразија каење и жалење за стореното дело и сметам дека во конкретниот случај единствено оправдано е изрекување на ефективна казна затвор, рече Рустеми.
Обраната пак, смета дека не треба да се донесат затворски казни. Адвокатот Донче Наков во завршниот збор се осврна на статусот на обвинителот Бурим Рустеми. Според него, тој не е овластен обвинител за случајот бидејќи сега е виш јавен обвинител.
Нема ниту законски, ниту делегирани, а најмалку со посебна одлука донесени или предадени на него овластувања за застапување, рече адвокатот Наков.
Првообвинетиот Миле Јанакиески, заедно со уште петмина од Министерството за транспорт и врски, кои биле членови на Комисијата за јавни наддавања, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања.