Брзите онлајн кредити сѐ почесто стануваат алатка за измама. Со само фотографија од лична карта, банкарска картичка или здравствена легитимација, во Македонија е можно да се поднесе апликација за кредит на име на друго лице. Во услови кога не се врши проверка со физичко присуство, граѓаните лесно стануваат жртви.

Зачестени случаи на земаање на брзи онлајн кредити на туѓо име

Заради зачестените случаи на злоупотреба на лични податоци и земање на брзи онлајн кредити, се наметнува потребата од воведување на заштитен механизам при процесот на аплицирање.

Во последните месеци се пријавени повеќе вакви ситуации, во кои граѓани дознале дека на нивно име се земени кредити, дури кога ќе добијат известување за доспеана рата или повик од финансиско друштво. Во дел од случаите, податоците биле испратени доброволно на непознати лица преку социјални мрежи, а во други – документи биле копирани или фотографирани без знаење на сопственикот.

Во Скопје, жена пријавила дека испратила податоци на лице што ѝ понудило работа во странство, а подоцна дознала дека на нејзино име биле поднесени три кредитни апликации. Износот што го должела изнесувал над 100.000 денари.

Во друг случај во Тетово, 27-годишна девојка му испратила лични документи на маж што тврдел дека бара вработени за нова маркетинг агенција. Подоцна добила известување за кредит кој никогаш не го побарала.

Најновиот случај е пријавен во Штип на 6 јуни. Жртва е 40-годишна жена која преку Фејсбук запознала маж што ѝ ветил онлајн работа за странска компанија. На негово барање, му испратила фотографии од својата лична карта, здравствена легитимација и банкарска картичка.

„Како што е пријавено, таа на лицето му испратила фотографии од нејзината лична карта, здравствена легитимација и од нејзината банкарска картичка, по што во наредниот период во неколку наврати во нејзино име било аплицирано за брзи кредити во финансиски друштва, а за пристигнатите пари на нејзина сметка ѝ било кажувано дека по грешка се пуштени и на негово барање ги вадела парите и ги враќала“, информира МВР.

Жената ја открила измамата на 4 јуни, кога добила повик од финансиско друштво за доспеана рата. Тогаш дознала дека е измамена за вкупен износ од 95.000 денари.

Во услови на сѐ почеста злоупотреба, се поставува прашањето за потребата од воведување дополнителна проверка на идентитетот при онлајн аплицирањето за кредити. Тоа би значело технички и законски механизми кои би ја спречиле можноста неовластено лице да поднесе кредитна апликација во туѓо име.

Финансиските друштва кои издаваат брзи кредити, мора да ја засилат контролата врз процесот на онлајн аплицирање