– Големиот пожар што избувна вчера во близина на грчкиот град Александруполи, сѐ уште не е ставен под контрола, а според грчката телевизија ЕРТ веќе изгореле пет куќи и една црква, јави дописничката на МИА од Атина.
Во гаснењето на пожарот интервенираат 176 пожарникари со 48 возила, десет пешадиски тима, 11 авиони и шест хеликоптери од кои еден е за координација, а помагаат волонтери пожарникари, полицајци, како и цистерни и камиони од општините.
Пожарот е во шумски дел, а градоначалникот на Александруполи Јанис Забукис за „Катимерини“ истакна дека денеска, огнената стихија е далеку од домови и населени места.
Вчера попладне, превентивно беа евакуирани осум села, откако до жителите беше испратена порака од бројот 112 за итни случаи.