Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, обвини дека преку бројни независни кандидатури за градоначалници и советници, СДСМ и ДУИ се обидуваат да организираат саботажа на претстојните локални избори. Тој смета дека сценариото е заеднички координирано и дека целта е „да се попречи демократијата и да се збуни гласачкото тело“.
„Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз кој што доаѓа. Но зад оваа игра не стојат само партиските штабови. Во таа намера, длабоката држава на СДСМ и ДУИ – нивните луѓе распределени во судството, во изборната комисија, во институциите – денес се во коалиција. Коалиција за да го спречи поразот што ќе им го донесе ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори. Ова се добро познати работи на кои сме навикнати од нив. Тоа се нивните матрици – манипулација, подметнувања, измами,“ изјави Мицкоски на партиски настан.
Тој предупреди и дека поради граѓанските листи гласачкото ливче би можело да биде долго и до 7–8 метри. „Ако изборите се неуспешни, ќе назначиме владини повереници,“ порача Мицкоски.
Изјавата следува по одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) од 17 август, со која беше утврдено дека граѓанските иницијативи може да поднесат кандидатски листи со само два потписа. Правилникот беше донесен поради тоа што не постои законска регулатива за група избирачи, откако Собранието не успеа да ги усвои измените на Изборниот законик.
Уставниот суд во мај годинава ги укина членовите 17 и 18 од измените на Изборниот законик, со кои претходно – на 7 март 2024 – власта и опозицијата го зголемија прагот за потребни потписи на 1% од регистрираното гласачко тело по изборна единица.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.