Инструкциите на американските власти доаѓаат откако ко-основачот на талибанците, Мула Барадар, денеска пристигна во Кабул на разговори со другите лидери со цел да формира нова авганистанска влада, по молскавичното освојување на државата.
Од неделата досега во областа околу аеродромот загинаа најмалку 12 лица, соопштија претставници на НАТО и талибанското движење.
„Поради потенцијалните безбедносни закани пред влезот на аеродромот во Кабул, ги советуваме американските граѓани да избегнуваат патување до аеродромот, освен ако за тоа не добијат индивидуални инструкции од американските власти“, предупреди американската Амбасада во Кабул.
Талибански претставник денеска го повтори ставот од изминатите денови дека хаосот на аеродромот не е одговорност на талибанците. „Западот можеше да подготви подобар план за евакуација“, рече тој.
Официјален претставник на НАТО вчера сооопшти дека околу 12.000 странци и Авганистанци кои работеле за амбасади и меѓународни хуманитарни групи се евакуирани од Авганистан откако талибанските бунтовници влегоа во Кабул.