Во врска со тензиите во опозицската Демократска партија(ПД), кои денеска ескалираа со насилство, реагираа американската амбасадорка, Јури Ким, делегацијата на ЕУ и мисијата на ОБСЕ во Тирана, јави дописничката на МИА од Тирана.

– САД се длабоко загрижени поради ескалацијата на тензиите во седиштето на Демократската партија и употребата на сила од страна на демонстрантите. Ги повикуваме организаторите на протестот да го отфрлат насилството и да покажат смиреност. Оние кои поттикнуваат насилство или го поткопуваат владеењето на правото ќе одговараат, напиша на Твитер амбасадорката Ким.

Во објава на Фејсбук, Делегацијата на ЕУ во Тирана ги осудува актите на насилство, истовремено нагласувајќи дека на Европската унија и треба солидна опозиција која придонесува за реформската агенда на земјата.

– Делегацијата на Европската унија ги осудува актите на насилство што се случија денеска и ги повикува сите вклучени актери на смиреност и воздржаност. Во политиката не треба да има простор за насилство. Сите инволвирани имаат одговорност да обезбедат демонстрациите да се одржат на мирен начин и да ја осигураат безбедноста на сите присутни. Патот на Албанија кон интеграцијата во ЕУ има потреба од солидна опозиција која ќе придонесе за реформската агенда на земјата, одговарајќи на аспирациите на албанскиот народ, чие огромно мнозинство сака да ја види Албанија во ЕУ, се вели во соопштението на делегацијата на ЕУ.

Мисијата на ОБСЕ порачува дека мирните протести се темел на демократијата и повикува на воздржаност.

– Мисијата на ОБСЕ со посебно внимание ги следи денешните случувања пред седиштето на Демократската партија. Ги повикуваме сите вклучени актери да се воздржат од каков било акт на насилство и ја поздравуваме ангажираноста на полицијата за одржување на јавниот ред. Мирните протести се темел на демократијата, стои во соопштението на ОБСЕ.