Американското Министерство за правда поднесе уште една тужба против Гугл, тврдејќи дека се обидува да воспостави монопол на пазарот за дигитално рекламирање. Министерството објави дека поднело тужба против интернет гигантот пред судот во сојузната држава Вирџинија за „монополизирање на повеќе производи во областа на технологијата за дигитално рекламирање”.
Компанијата ја ограничуваше еднаквата пазарна конкуренција со аквизиција на конкуренти и барајќи од издавачите на интернет-страниците да ги прифатат нејзините алатки, објасни министерството. Токму затоа, во тужбата, меѓу другото, побарале одделот за рекламирање на Гугл да се раздели на помали деловни единици.
Министерството веќе поднесе една тужба против интернет гигантот во 2020 година, тврдејќи дека се обидува да изгради монополска позиција на пазарот на пребарување и рекламирање на пребарувачите. Рочиштето за тој случај е закажано за септември.