Белата куќа: Разговорите продолжуваат, но пеколот е подготвен“
Белата куќа денеска истакна дека разговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран за прекин на конфликтот продолжуваат, но дека доколку Техеран не сфати дека е поразен, ќе се соочи со „напади посилни од кога било досега“.
„Иран не би требало повторно да згреши. Нивната последна погрешна проценка ги чинеше нивното највисоко раководство, нивната морнарица, нивното воено воздухопловство и нивниот систем за противвоздушна одбрана“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на конференција за новинари во Вашингтон.
Таа додаде дека претседателот Доналд Трамп „не блефира и е подготвен да ослободи пеколот“ доколку преговорите не донесат резултати.
„Секое насилство по оваа точка ќе биде затоа што иранскиот режим одбива да сфати“, рече Ливит, додавајќи дека САД се „многу блиску до исполнување на основните цели“ на операцијата „Епски бес“ (Epic Fury).
Воени операции и ефекти
Ливит посочи дека операцијата, која требаше да трае четири до шест недели, по 25 дена од започнувањето, „најголемата војска што светот некогаш ја видел функционира исклучително добро од ден на ден“. Таа истакна дека повеќе од 9.000 ирански цели биле погодени, а уништени се над 140 ирански бродови.
„Иранските напади со балистички ракети и дронови се намалени за приближно 90 отсто. Систематски ја демонтираме иранската одбранбена индустриска база“, изјави Ливит, додавајќи дека неколку бомби од по 2.200 килограми биле фрлени врз подземни складишта на ракети и оружје за време на викендот.
Таа нагласи дека нема да навлегува во „суштината“ на преговорите и дека објавените детали за наводниот план од 15 точки не се целосно точни. На прашањето за можноста САД да испратат копнени трупи, Ливит одговори дека тоа е „хипотетичко прашање“ и одлука на врховниот командант.
Иранските државни медиуми претходно објавија дека барањата на САД се „претерани“ и дека конфликтот ќе заврши кога Иран ќе одлучи.
