Последниот авион Ц-17 полета од аеродромот во Кабул на 30 август, во 19 часот и 29 минути по средноевропско време, изјави генералот Кенет Мекензи.

Според него, бидејќи евакуацијата на војниците е завршена, дипломатската мисија ќе обезбеди на колку што е можно повеќе американски државјани и Авганистанци да им биде овозможено да ја напуштат земјата.

Пентагон информира дека амбасадорот и еден генерал биле последните Американци што го напуштиле авганистанското тло.

Операцијата за евакуација на Американците и Авганистанците почна на 14 август, кога талибанците ја презедоа власта во Авганистан.

Во времето на објавувањето на повлекувањето на американската армија, во Кабул се слушнаа пукотници како знак на прославата на талибанците.

Повлекувањето на американската војска од Авганистан заврши 24 часа порано, со оглед на тоа што рокот што го даде американскиот претседател Џозеф Бајден беше 31 август.