Европските земји, меѓу кои и Македонија ги повикуваат своите граѓани да ја напуштат Украина пред можната ескалација на ситуацијата. Киев се подготвува за војна!
Речиси сите европски земји ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина. Заради се поблиската ескалација на конфликтот Германија на своите граѓани им порача што побргу да ја напуштат територијата на Украина. По предупредувањето од американската влада за евентуален руски напад, претходно и други земји побараа од своите државјани да ја напуштат Украина, меѓу другите САД, Велика Британија, Данска, Летонија, Холандија, Јапонија и Естонија а денеска со исти таков апел за брза евакуација и избегнување патувања во Украина се огласи и Македонското министерство за надворешни работи. Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко денеска изјави дека украинската престолнина го одобрила планот за евакуација што ја одредува локацијата на центрите за евакуација, потребниот број возила и безбедните региони за сместување на евакуираните. Според советникот за национална безбедност на белата куќа Џек Саливан можно е Руската инвазија на Украина да не го чека 20 февруари завршувањето на олимписките игри туку тоа да започне и порано за време на олимпијадата.
„Сега сме во таков прозорец кога инвазијата може да започне во кој и да било момент ако Владимир Путин одлучи да даде наредба. Не можам да споделувам повеќе разузнавачки детали, но сакам да бидам јасен, може да започне за време на Олимписките игри, наспроти шпекулациите дека тоа би се случило само после Олимпијадата“
Снимките како америка засилено ја снабдува украина со оружје од една страна и засиленото воено присуство на Руските сили од другата страна на границата и воените вежби се само дел од сценариото кое е предвесник на војната. Пентагон вчера објави дека ќе испрати дополнителни 3.000 војници во Полска, каде што веќе се стационирани 1.700 американски војници, со цел да се нагласи посветеноста на САД кон НАТО а нивната задача немало да биде борбена. И додека руските власти официјално ги окарактеризираа како лажни вестите за планот на руската инвазија и тие самите ги повикаа сите руски граѓани да ја напуштат Украина. Најверојатно како една од последните надежи за избегнување на војна останува најавениот телефонски разговор на Путин со Бајден а потоа и со Макрон.