Трамп вели дека Техеран прифатил да не развива и да не набавува нуклеарно оружје
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД и Иран се блиску до постигнување мировен договор, оценувајќи дека разговорите се движат во позитивна насока. Сепак, тој предупреди дека доколку преговорите пропаднат, воената опција и натаму останува можност.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп нагласи дека клучен услов за договор е Иран да се откаже од какви било амбиции поврзани со нуклеарно оружје.
„Би сакал да имаме договор, бидејќи можеме да ја отвориме (Ормуската теснина) веднаш по потпишувањето. Единствената гаранција што ми треба е дека нема да има нуклеарно оружје. Тие се согласија со тоа и тоа беше многу интересно“, рече американскиот претседател.
Полека го добиваме она што го сакаме
Тој посочи дека иранската страна прифатила не само да не развива, туку и да не набавува нуклеарно оружје.
„Првично тие рекоа: „Нема да развиваме нуклеарно оружје“. Јас реков: „Па, што би се случило ако купите нуклеарно оружје?“ Сега тие велат: „Нема да развиваме и нема да купуваме оружје на никаков начин“. Полека го добиваме она што го сакаме, преговарачите се многу строги и потребно е долго време, но не брзам“, рече Трамп.
Според него, најпосакувано решение е договор постигнат по дипломатски пат.
Во игра и натаму останува воената опција
Трамп порача дека очекува позитивен исход од разговорите, но истовремено нагласи дека Вашингтон има и други сценарија доколку преговорите не успеат.
„Ќе биде постигнат голем договор, во спротивно само ќе се вратиме и ќе ги завршиме нештата по воен пат“, изјави тој.
Американскиот претседател додаде дека се надева оти ќе се избегне нова воена ескалација, нагласувајќи дека дипломатското решение останува негова прва опција.
Во меѓувреме, американскиот портал „Аксиос“ објави дека Трамп побарал дополнителни измени во текстот на договорот што го договараат американските и иранските претставници. Според информациите на медиумот, меѓу спорните точки се и одредени формулации поврзани со отворањето на Ормуската теснина за бродски сообраќај.
