Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека се согласил да ги запре бомбардирањата и нападите врз Иран во период од две недели.

Трамп соопшти дека ја донел одлуката по разговорот со  пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф кој го замолил да го продолжи за две недели рокот (ултиматумот) што му  го даде на Иран да ја отвори Ормускиот Теснец.

-Врз основа на моите разговори со премиерот Шехбаз Шариф и пакистанскиот фелдмаршал Асим Мунир, за време на кои тие побараа да ги сопрам ударните сили испратени во Иран вечерва, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на ПОТПОЛНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормускиот Теснец, се согласувам да го запрам бомбардирањето и нападот врз Иран во период од две недели, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.

„Ова ќе биде билатерален ПРЕКИН НА ОГНОТ“, нагласи американскиот лидер.

Трамп посочува дека САД добиле предлог од 10 точки од Иран.

-Верувам дека ова е функционална основа врз која ќе се преговара, додаде Трамп.

Примирјето го потврди и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.

-Пакистан искрено ги повикува нашите ирански браќа да ја отворат Ормускиот Теснец за период од две недели како гест на добра волја. Исто така, ги повикуваме сите завојувани страни да почитуваат прекин на огнот насекаде во текот на две недели, за да може дипломатијата да постигне конечно завршување на војната во интерес на долгорочен мир и стабилност во регионот, напиша премиерот Шариф на социјалната мрежа „Икс“.

Ултиматумот на Трамп до Исламската Република требаше да истече во 00:00 часот по Гринич (02:00 часот по македонско време). Неколку часа претходно, Трамп напиша на „Truth Social“ дека „цела цивилизација ќе умре вечерва“.

Тој предупреди дека ако не се постигне договор, цивилната инфраструктура во Иран, вклучувајќи мостови и електрани, ќе бидат уништени.

Што содржи планот од 10 точки на Иран?

Според државните медиуми, Иран ќе го прифати завршувањето на војната само откако деталите ќе бидат финализирани во согласност со мировниот план од 10 точки, наводно доставен до Белата куќа преку пакистански посредници. Списокот од 10 точки, објавен од иранските државни медиуми, вклучува голем број услови што САД ги отфрлија во минатото.

Планот бара укинување на сите примарни и секундарни санкции врз Иран, продолжување на иранската контрола врз Ормускиот теснец, повлекување на американската војска од Блискиот Исток, крај на нападите врз Иран и неговите сојузници, ослободување на замрзнатите ирански средства и резолуција на Советот за безбедност на ОН со која секој договор станува обврзувачки.

Во верзијата објавена на фарси, Иран ја вклучи и фразата „прифаќање на збогатување“ за својата нуклеарна програма. Но, од причини што остануваат нејасни, таа фраза недостасуваше во англиските верзии што ги споделија иранските дипломати со новинарите.