САД во моментов не водат преговори со Иран за прекин на војната, бидејќи администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се фокусира на зголемување на економскиот притисок врз Техеран.

Ова го изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во интервју за „Фокс њуз“. Таа нагласи дека сите опции и натаму „остануваат на маса“, но оти главната цел на Трамп е Иран никогаш да не се здобие со нуклеарно оружје.

„Она што беше и секогаш ќе биде главна цел на претседателот Трамп е да се осигура дека Иран никогаш нема да се здобие со нуклеарно оружје. Точка. Затоа ја имавме операцијата „Епски бес“ за да ја уништиме нивната војска. Сега ја имаме операцијата „Економик ауткаст“ за да ја уништиме нивната економија“, рече Ливит, потврдувајќи дека во моментов не се водат преговори.

Според неа, економскиот притисок ќе продолжи сè додека Трамп не процени дека Иранците можеби се подготвени да седнат на преговарачката маса.

Во меѓувреме, американскиот министер за финансии, Скот Бесант, вчера ги предупреди земјите ширум светот да ги прекинат финансиските врски со Иран или да се соочат со секундарни санкции.

Бесант ја опиша мерката како „економски ден Д“, во рамки на поширокиот притисок на Вашингтон врз Техеран.

Паралелно со американските мерки, Катар се обидува да помогне во обновувањето на дипломатскиот процес. Катарскиот премиер денеска го посети Техеран во обид да го рестартира дипломатскиот процес.