Разговорите завршија со најави за продлабочување на односите
Вашингтон и Пекинг најавија продлабочување на билатералните односи по средбите одржани во кинеската престолнина, каде што се разговарало за безбедносни прашања, трговија и клучни геополитички теми.
Американскиот претседател Доналд Трамп по посетата изјави дека од кинеската страна добил уверување дека нема да се испорачува воена опрема за Иран.
Двете страни се согласиле Ормускиот теснец да остане отворен, а дека Иран не смее да се здобие со нуклеарно оружје.
„Разговаравме за Иран. Имаме многу слични ставови. Сакаме тоа да заврши. Не сакаме да имаат нуклеарно оружје. Сакаме теснецот да биде отворен. И сакаме да го завршат ова затоа што таму не е добро. Не може да се дозволи да имаат нуклеарно оружје“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Трговски договори и најави за нови посети
Во текот на посетата биле постигнати и повеќе трговски договори, меѓу кои кинеска набавка на американска нафта и 200 авиони „Боинг“.
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг оцени дека посетата претставува важен момент во билатералните односи.
„Оваа посета е историска и значајна посета. Досега воспоставивме нов билатерален однос, или поточно конструктивен однос на стратегиска стабилност. Ова може да се опише како пресвртница“, изјави Шји Џјинпинг, претседател на Кина.
Во септември е најавена возвратна посета на Шји во САД.
„Суштината на економските и трговските односи меѓу Кина и САД е заемна корист и соработка од која сите добиваат. Двете страни треба заеднички да го спроведат важниот консензус постигнат од двајцата шефови на држави и да внесат поголема стабилност во економската и трговската соработка меѓу Кина и САД и во светската економија“, изјави Гуо Иакун, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.
Тајван и технолошките прашања остануваат чувствителни
Иако не се објавени сите детали, темата Тајван била дел од разговорите, при што американската страна повторила дека политиката останува непроменета.
„Мислам дека Кина веројатно претпочита, Тајван доброволно да им се придружи. Во совршен свет, она што би го сакале е гласање или референдум во Тајван на кој би се согласиле да се приклучат. Сметаме дека би било ужасна грешка да се наметне тоа преку сила или нешто од таа природа. Тоа би имало последици глобално, не само од САД“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Во разговорите била вклучена и делегација од технолошки лидери, а темите опфатиле ограничувања за извоз на чипови и испорака на ретки земјени метали, клучни за индустриите во двете земји.
