САД, во координација со Велика Британија, објавија дека преземаат дејствија за спротивставување на системската корупција во Бугарија со воведување санкции против петмина поранешни државни службеници и пет правни лица од Бугарија за коруптивни дејствија што довеле до незаконски лични придобивки, поткопување на демократските институции во земјата и зголемување на нејзината штетна зависност од руските енергетски извори, се наведува во пишаната изјава на државниот секретар Ентони Блинкен, објавено од Американската амбасада во Софија.
Румен Овчаров, поранешен бугарски пратеник и министер одговорен за енергетика; Александар Христов Николов, поранешен извршен директор и заменик директор на Нуклеарната централа Козлодуј (КНПП); и Иван Генов, поранешен извршен директор на КНПП и поранешен пратеник се посочени за серија недозволени зделки и размена на мито поврзани со енергетски договори со кои од Владата и народот на Бугарија се одземени стотици милиони долари, се наведува во соопштението. Во него, понатаму се вели дека Николај Малинов, поранешен пратеник и лидер на Националното движење на Русофилите и претседател на политичката партија Русофили за преродба на татковината, е посочен за поткуп на судија за да му дозволи да патува во Русија, иако бил обвинет за шпионажа во име од интереси поддржани од Русија и бил со забрана за патување.
Потоа, Владислав Горанов, поранешен пратеник и поранешен министер за финансии, посочен за користење на својата позиција за олеснување на поткуп во замена за поволно законодавство, лишувајќи ја владата од даночни приходи;
Интер Трејд 2021 ЕООД, МС Консулт 2016 ЕООД, Националното движење на русофилите и Русофилите за преродба на татковината, се посочени дека се во сопственост или контролирани од Малинов; Трилема Консалтинг ДООЕЛ ЕООД е посочена дека е во сопственост или контролиран од Горанов, се вели во соопштението на Американската амбасада.
Стејт департментот, исто така, наметна визни рестрикции за Овчаров, Николов и Горанов за вмешаност во значителна корупција. Како резултат на овие дејствија, тие поединци и членовите на нивното потесно семејство генерално не се подобни за влез во САД.
Велика Британија, исто така, посочи тројца корумпирани актери во Бугарија за сериозна корупција и злоупотреба на средствата на јавните институции: Васил Крумов Бојков, истакнат бугарски бизнисмен и олигарх; Делијан Славчев Пеевски, олигарх и поранешен пратеник; и Илко Димитров Жељазков, поранешен заменик-началник на бугарската државна агенција за технички операции.
Овие координирани дејства ја поддржуваат американската стратегија за борба против корупцијата и ја демонстрираат посветеноста на САД и Велика Британија да промовираат одговорност за корупцијата и да и помогнат на Бугарија, сојузник во НАТО, да воспостави критични реформи за владеење на правото.