САД ја запираат воената помош за Украина
Соединетите држави ја запираат целата воена помош за Украина, соопшти Белата Куќа. Според светските агенции, паузата ќе трае сè додека Трамп не заклучи дека украинците покажуваат добра волја да постигнат мир. Договорот за ставање крај на непријателствата може да се направи многу брзо, но се чини некој не е заинтересиран, изјави американскиот претседател.
„Мислам дека за танго се потребни двајца и ќе треба да склучите договор со Русија и ќе треба да склучите договор со Украина. Ќе треба да имате согласност од европските нации, бидејќи мислам дека тоа е важно. Мислам дека сите мора да влезат во соба и ние треба да се договориме, а договорот може да се направи многу брзо. Сега, можеби некој не сака да се договори. И ако некој не сака да склучи договор, мислам дека таа личност нема да биде многу долго во близина. Таа личност нема долго да се слуша“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Ваквата одлука на САД следува по тензичниот состанок во Белата куќа.
Стармер побара поддршка од САД
Во меѓувреме, Велика Британија потврди дека е согласна за испраќање свои војници во Украина. Премиерот Стармер нагласи дека за успешно извршување на ваквите мисии потребна е силна поддршка од САД.
„Британија ќе игра водечка улога, доколку е потребно, и заедно со другите, чизми на земја и авиони во воздух. Во ред е Европа да ја изврши тешката задача за да го поддржи мирот на нашиот континент. Но, за да успее, овој напор мора да има и силна поддршка од САД. Сепак, чувствувам дека иднината на Украина е од витално значење за нашата национална безбедност“, рече Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
План „Ревооружи ја Европа“
Планот „Ревооружи ја Европа“ ќе им биде претставен на земјите-членки, потврди претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Најавата доаѓа по самитот во Лондон на кој се разговараше за тоа како да се унапреди процесот Украина и Русија да најдат мир.
„Ние сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само на сила и силата започнува со зајакнување на самите себе, а тоа е целта на планот што ќе им го претставам на земјите-членки“, нагласи Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
Украинскиот претседател Зеленски повика на најбрз можен крај на војната со пристоен мир.
„Токму недостатокот на безбедносни гаранции за Украина пред 11 години и овозможи на Русија да започне со окупацијата на Крим и војната во Донбас. Тогаш недостатокот на безбедносни гаранции и овозможи на Русија да изврши целосна инвазија, а сега, поради недостаток на дефинирани безбедносни гаранции, Русија е таа што ја одржува оваа војна во полн ек. Целиот свет го гледа ова, а целиот свет го препознава“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Потпретседателот на САД, изјави дека најдобрата гаранција за безбедноста на Украина е да се дадат на САД економски можности. Венс нагласи дека доколку украинскиот претседател е подготвен за мировни преговори, вратата на американскиот претседател Трамп е отворена.