Белата куќа соопшти дека ќе продолжи да ја вооружува Украина, но одби директно да коментира за вчерашната експлозија на мостот на Крим.

„Навистина немаме што да додадеме на извештаите за експлозијата на мостот“, изјави денеска портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби за телевизијата Еј-Би-Си.

„Можам само да кажам дека Путин ја започна оваа војна и сега господинот Путин може да ја запре со едноставно повлекување на своите војници од земјата“, додаде тој.

Според Кирби, двете страни треба да најдат начин да преговараат за крај на војната, но рускиот претседател не покажал никаков интерес за тоа.

„Со мобилизацијата на стотици илјади резервисти, со политичката анексија или барем обидот за анексија четири региони на Украина, тој ги покажа сите знаци дека ги интензивира своите акции“ во спротивна насока.

Затоа „да бидам искрен, ние сме во речиси секојдневен контакт со Украинците и ќе продолжиме да им даваме поддршка на полето на безбедноста“, додаде тој.

Кирби го повтори ставот на Вашингтон дека нема индикации дека Путин одлучил да употреби нуклеарно оружје и дека нема причина САД да го сменат својот стратешки став.