Рубио бара сериозност од европските сојузници и најави нова ера
Американскиот државен секретар Марко Рубио на вториот ден од Минхенската безбедносна конференција порача дека САД немаат намера да се дистанцираат од Европа, туку да внесат „нов живот“ во трансатлантското партнерство.
– Сакаме Европа да биде силна. Веруваме дека Европа мора да преживее, бидејќи двете големи војни од минатиот век се постојан потсетник дека нашата судбина е испреплетена со вашата – изјави Рубио.
Тој ги потенцира историските врски меѓу САД и европските сојузници, нагласувајќи дека заедничкото справување со глобалните предизвици е неопходно.
– САД и Европа мора заедно да се справат со предизвиците. Но, Вашингтон сака неговите сојузници да бидат доволно силни за ниту еден противник да не се осмели да ги тестира – истакна тој.
Рубио ги отфрли тезите дека трансатлантската ера завршува.
– Америка го отвора патот за нов век на просперитет. И сакаме тоа повторно да го направиме заедно со вас, нашите најстари пријатели – рече шефот на американската дипломатија.
Тој додаде дека САД, под водство на претседателот Доналд Трамп, повторно ја преземаат задачата за обнова и реконструкција и очекуваат сериозност и реципроцитет од европските партнери.
Во говорот, Рубио се осврна и на миграцијата, оценувајќи дека масовните миграциски бранови ја дестабилизираат Европа и Западот.
– Масовната миграција не е периферен проблем. Таа е криза што ги трансформира и дестабилизира општествата низ целиот Запад – изјави Рубио, додавајќи дека западната култура и историја се уникатни и незаменливи.
Американскиот државен секретар најави дека САД ќе продолжат да се залагаат за мировен договор во Украина, но ќе ја тестираат сериозноста на Москва.
– Не знаеме дали Русија е сериозна во врска со завршувањето на војната. Тие велат дека се, ние ќе продолжиме да проверуваме – рече Рубио.
Тој изрази сомнеж дека Русија може да ги постигне своите првични воени цели во Украина.
Ваквиот говор е спротивен на тоа што го говореше претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен.
