Американската војска внимателно го следи нуклеарниот арсенал на Русија во екот на војната во Украина.

Според Си-Ен-Ен, повикувајќи се на повеќе извори од американското Министерство за одбрана, секретарот за одбрана Лојд Остин добива извештаи од американскиот генерал задолжен за американското нуклеарно оружје два до три пати неделно, како и за одбрана од потенцијален нуклеарен напад.

Американски официјални лица изјавиле за Си-Ен-Ен дека САД немаат индикации дека Русија се подготвува да користи нуклеарно оружје, но два извори запознаени со најновите разузнавачки проценки изјавиле дека американските власти се позагрижени поради можноста Русија да користи нуклеарно оружје отколку во било кое време од крајот на Студената војна.

Но, истите извори нагласуваат дека сепак сметаат дека е „неверојатно“ рускиот претседател Владимир Путин да употреби какво било нуклеарно оружје. Веројатноста за такво нешто е проценета на околу 1%.

Адмиралот Чарлс Ричард, командант на Стратешката команда на САД, редовно го информира секретарот за одбрана и другите лидери на Пентагон со строго доверливи разузнавачки информации за статусот на рускиот нуклеарен арсенал и за какви било руски потези кои би можеле да предизвикаат загриженост, велат претставници на Министерството за одбрана.

Тие извештаи вклучуваат извештаи од разузнавачката заедница, која внимателно ги следат изјавите на Путин и други високи руски функционери.