Американците повторно ќе можат да нарачуваат бесплатни Ковид-19 тестови по пошта, започнувајќи од денеска, во време кога случаите на коронавирус почнаа да се зголемуваат, посебно по Денот на Благодарноста, јави Ен-пи-ар.

Секој Американец може да порача најмногу до четире бесплатни Ковид-19 тестови на страницата COVIDtests.gov, а испораката ќе започна од понеделник, 19 декември, јави официјален претставник на брифингот синоќа. Владата ги повика луѓето веднаш да се тестираат ако забележат симптоми и пред да одат во посета на роднини и пријатели, сега во пресрет на зимските празници.

Ова е четврт пат да се даваат бесплатни брзи тестови годинава. Белата куќа ја запре програмата во септември, соопштувајќи дека нема да може повеќе да се праќаат пакетчињата затоа што Конгресот го одбил барањето за дополнително финансирање. Но Администрацијата некако се снајде со набавка на повеќе тестови од националните резерви, јавија оттаму.

-Знаеме дека вирусот ќе циркулира побрзо и полесно кога народот се собира во затворени простории за време на зимските празници. По Денот на благодарноста забележуваме зголемен тренд на нови заболувања и очекуваме уште едно покачување на бројот на случаи после декемвриските празнувања, изјави службеникот.

Сојузната влада на САД го олеснува пристапот до вакцини, тестови и лекарства за лечење од Ковид-19 како Паксловид. Тестовите се достапни и на локално ниво во оптините, местата каде се дели храна за сиромашните, и по училиштата. Се набавуваат вентилациски белодробни уреди, како и опрема за лична заштита, се дава помош до државите да постават мобилни и ад-хок места за вакцинации.

-Во пандемијата сме неколку години и сме подготвени и за овој момент, изјави службеникот.