Американската војска вечерва започна нов бран воздушни напади врз Иран, продолжувајќи ја воената операција шеста ноќ по ред. Според Централната команда на САД, целта на нападите е дополнително слабеење на иранските воени капацитети, додека иранските медиуми јавуваат за експлозии во повеќе делови од земјата.
Во соопштението на американската војска се наведува дека нападите започнале околу 21:30 часот по локално време и биле насочени кон понатамошно намалување на воените способности на Иран.
Набргу по почетокот на операцијата, иранските медиуми објавија дека три експлозии се слушнале во големиот јужен пристанишен град Бандар Абас. Засега не е познато што ги предизвикало експлозиите.
Според локални извори на кои се повикуваат иранските медиуми, цел на американските воздушни напади бил и островот Кешм, кој се наоѓа во близина на Ормускиот Теснец.
Канцеларијата на гувернерот на покраината Хормозган соопшти дека околу 18:00 часот по локално време неколку локации на островот Кешм биле погодени од американски ракети, објави новинската агенција Фарс.
Истата информација ја објави и иранската новинска агенција Тасним.
Новите напади се случуваат во период на обновени непријателства меѓу САД и Иран.
