Претседателот на САД, Џо Бајден изрази верување дека инвазија врз Украина би можела да се случи „во следните неколку дена“, при што САД тврдат дека Русија дополнително испратила 7.000 војници во близина на границата со Украина, и покрај тврдењето на Москва дека повлекла некои воени трупи.

Дипломатските тензии меѓу САД и Русија, во меѓувреме, продолжуваат. Русија го протера вториот највисок дипломат на САД во Москва, потег кој САД го сметаат за „провокациски“ потег, изјави претставник на Стејт департментот.

Во обраќањето пред ОН, американскиот државен секретар Антони Блинкен тврди дека Русија планира да создаде оправдување за инвазијата и ја повика Москва „да го напушти патот на војната“.

Коментарите доаѓаат откако Кремљ испрати писмен одговор на американските безбедносни предлози и рече дека „зголемената воена активност на САД и НАТО блиску до руските граници е алармантна“, се вели во официјалниот одговор на Русија објавен од државните медиуми.

Русија инсистира на повлекување на сите американски сили од Централна и Источна Европа и наведува дека ќе мора да реагира, вклучително и со воено-технички мерки, поради неподготвеноста на Вашингтон да преговара за безбедносните гаранции.

Меѓутоа, во писмената реакција, која му ја предала на американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, за американскиот одговор на безбедносните гаранции, Москва за првпат нагласува дека е подготвена да разговара за меѓусебните инспекции на локациите на проектили.

Москва наведе дека САД не дале конструктивен одговор на сите клучни предлози на Русија, вклучително и откажување од проширување на НАТО и отворање бази на територијата на поранешните советски републики.

Москва инсистира американските трупи и оружје да бидат повлечени од Централна, Источна Европа и Балтикот.

„Сигурни сме дека во тие зони има доволно национален воен потенцијал. Подготвени сме да разговараме на оваа тема врз основа на членовите 4 и 5 од рускиот нацрт-договор“, се вели во текстот.

Се посочува и дека се уште се игнорираат „црвените линии“, како и правото на Русија да ги брани.

Москва наведува дека САД и НАТО ја зголемуваат воената активност во близина на границите на Русија.

Како одговор, Москва предлага идејата за воведување мораториум на ракетите со среден и краток дострел во Европа практично да се реализира во рамките на безбедносните гаранции.

Се наведува дека Москва овој проблем го смета за еден од приоритетите во руско-американскиот дијалог.

Москва инсистира на тоа дека Киев мора да ги спроведе договорите од Минск, да ја прекине испораката на оружје за Украина, да го повлече веќе испорачаното оружје, дека сите западни инструктори мора да си заминат и дека НАТО мора да се откаже од воените вежби со Украина.

Русија очекува конкретни предлози од САД и НАТО за содржината и формите на легално повлекување на Алијансата од проширувањето на исток.

САД и нивните сојузници треба да се откажат од политиката на „зауздување“ на Русија и да преземат конкретни, пракÑ �ични чекори за деескалација на воено-политичката ситуација.

Предлозите на Русија за безбедносните гаранции треба да се разгледаат во целост, без да се истакнуваат поединечни точки, се вели во текстот.

Рускиот заменик министер за надворешни работи на состанокот на Советот за безбедност на ОН вчера истакна дека украинската Влада не се придржува до своите обврски од Минскиот договор и дека обидите да се обвини Русија се „залудни и неосновани“.

– Сè повеќе размислуваме дека спроведувањето на договорот од Минск не е нешто што е во плановите на нашите украински соседи. Седум години подоцна, јасно е дека ниту една од одредбите од пакетот мерки не е спроведена од Украина во целост, почнувајќи од првата – прекин на огнот, изјави Сергеј Вершинин.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја обвини Русија за создавање на една од најсериозните безбедноси кризи во Европа по Втората светска војна и за сериозно нарушување на меѓународниот поредок создаден во изминатите 70 години.

-Не сум овде да започнам војна, овде сум да спречам, порача тој на итна седница на Советот за безбедност на ОН.

Блинкен ги повтори тврдењата на администрацијата дека Русија „поттикнува“ провокации преку специјални операции, за да се префрли вината врз Украина како причина да почне војна.

– Ова се случува пред нашите очи и пред целата меѓународна јавност, и додека од нивна страна се покажува привид на дипломатија и мелодрама, тие натрупаа над 150.000 војници на границата со Украина, изјави Блинкен, додавајќи дека „Русија се уште има избор да се посвети на дипломатијата“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека проруските сили во Донбас вчера ракетирале детска градинка и дека според него, тоа претставува „голема провокација“.

– Важно е дипломатите и ОБСЕ да продолжат со мониторинг на активностите. Потребен ни е ефикасен механизам за евидентирање на сите прекршувања на примирјето, објави Зеленски на Твитер.

Проруски сили вчера ги обвинија украинските владини сили дека четирипати отвориле оган на нивна територија во изминатите 24 часа, додека Украина ги обвини проруските сили за гранатирање на селото Станица Луганск, а зградата на градинката била погодена како резултат на употреба на тешко артилериско оружје.

Британскиот премиер Борис Џонсон тврди дека нападот врз градинка во источна Украина бил „операција под лажно знаме со цел да ги дискредитира Украинците“.

– Стравуваме дека такви нешта ќе видиме повеќе во текот на следните неколку денови, рече Џонсон.

Тој оцени дека ситуацијата во Украина и понатаму е исклучително тешка. Според него, заканата од зајакнат пакет санкции ќе помогне да се обесхрабри Русија да ја нападне источноевропската нација.

Од друга страна, руските власти вчера во писмени одговори на американските предлози за европската безбедност наведоа дека немаат планови за инвазија врз Украина, додека западните претставници предупредуваат дека напад од Москва би можел да биде неизбежен.

– Нема руска инвазија врз Украина, што САД и нивните сојузници официјално ја најавуваат од минатата есен, и не е планирана, се вели во соопштението на МНР на Русија.

Актуелната антируска хистерија во САД не им дозволува на американските власти објективно да гледаат на ситуацијата околу Украина, соопшти руската Амбасада во САД.

– Посветивме внимание на изјавите на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, дадени на 16 февруари во интервју за Си-Ен-Ен. Службеникот уште еднаш се обиде да ја обвини Русија за ширење дезинформации за ситуацијата во Украина, напиша амбасадата на својот Фејсбук профил.

– Очигледно е дека антируската хистерија во САД не им дозволува на американските колеги објективно да гледаат на работите. Самохипнозата за неизбежност на руски напад продолжува, додава амбасадата.

Шефот на набљудувачката мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) вчера во Советот за безбедност на ОН изјави дека тензиите во источна Украина веројатно почнуваат да се намалуваат.

Јашар Халит Чевик, шефот на специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина, истакна дека од средата до четвртокот наутро имало околу 500 експлозии

– По 11.20 часот (четврток претпладне) забележавме околу 30 експлозии, па се чини дека тензиите стивнуваат, нагласи Чевик на седницата на СБ на ОН посветена на ситуацијата во и околу Украина.

Во меѓувреме, најновите разузнавачки информации на британското Министерство за одбрана покажаа дека Русија би можела да ја нападне Украина „без дополнително предупредување“.

– Русија задржува значително воено присуство кое може да изврши инвазија без дополнително предупредување, се предупредува во објава на Твитер.

Твитот вклучува мапа на „можната оска на инвазија на претседателот Путин“, која покажа дека Русија е способна да изврши копнено движење во првата фаза кон Киев од две точки долж границата со Белорусија и една точка од границата со Западна Русија.

Мапата дополнително ја покажува можноста за копнени движења во првата фаза од две точки и од Крим кон Мариупол.

На мапата, исто така, се прикажани потенцијални поместувања на копно во втората фаза од Крим кон Миколаив и од Дњепар кон Виницја. Исто така, покажува потенцијални копнени движења од првата фаза од западната руска граница кон правец на Луганск.