Обраќајќи им се на новинарите по средбата со неговиот јужнокорејски колега во Сеул, специјалниот пратеник на Вашингтон Сунг Ким потврди дека САД се посветени на истражување на „одржлива и суштинска дипломатија“ со Северна Кореја.
– Нашата цел останува целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Затоа, ние веруваме дека неодамнешното тестирање на севернокорејската балистичка ракета, уште едно од неколкуте во изминатите шест недели, е загрижувачко и контрапродуктивно за постигнување напредок кон траен мир на Корејскиот Полуостров, нагласи Ким.
Досега, Пјонгјанг ги отфрлаше американските апели, обвинувајќи ги Вашингтон и Сеул дека зборуваат за дипломатија додека ги зголемуваат тензиите со сопствените воени активности.
Минатиот четврток Пјонгјанг оцени дека реакцијата на САД на тестирањето на балистичка ракета лансирана од подморница е претерана и тврдат дека се работи за одбранбено оружје.