Вашингтон тврди дека акциите се законски и дел од борбата против трговијата со дрога
Американското Министерство за правда денеска соопшти дека нападите врз бродови осомничени за шверц на дрога се извршени во согласност со меѓународното право и дека војниците кои учествувале во акциите не се подложни на кривично гонење. Со ова се отфрлаат обвинувањата за „вонсудски егзекуции“.
Од септември, САД спроведоа серија воени операции во Карипско Море и Тихиот Океан, насочени кон бродови за кои тврдат дека превезуваат наркотици. Според официјалните податоци, во тие напади се убиени најмалку 76 лица.
Високиот комесар за човекови права на ОН, Фолкер Турк, пред два дена повика Вашингтон да ја преиспита законитоста на операциите, наведувајќи дека има „сериозни индикации за кршење на меѓународното хуманитарно право“.
Портпаролката на американското Министерство за правда изјави дека „нападите се извршени во согласност со законите за вооружени конфликти“ и дека тие се „законски наредби“.
Пентагон ја проширува воената операција – носачот на авиони „Џералд Форд“ распоредeн во Латинска Америка
Пентагон вчера потврди дека носачот на авиони „Џералд Форд“ впловил во водите на Латинска Америка за да помогне во „пресретнувањето на трговијата со дрога и демонтирањето на меѓународните криминални организации“.
Оваа воена мобилизација следува по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, кој минатиот месец го распореди „Џералд Форд“ во Карипско Море.
Откако беше најавено распоредувањето, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, остро реагираше, предупредувајќи дека „милиони мажи и жени ќе се вооружат“ доколку САД преземат воена интервенција. Тој повторно обвини дека Вашингтон трупа воени сили во регионот за да го собори неговиот режим.
Во септември, американската армија распореди десет борбени авиони Ф-35 во Порторико, осум воени бродови и нуклеарна подморница во близина на брегот на Венецуела. Според САД, сите тие се дел од поширока операција за борба против нелегалната трговија со дрога.
Досега се извршени најмалку 19 рации врз бродови, при што се убиени десетици лица. Овие операции, за разлика од претходните, не ги води американската Крајбрежна стража, туку армијата.
Лондон се дистанцира од акциите на САД – не сака да биде соучесник во можни прекршувања на меѓународното право
Во меѓувреме, Велика Британија ја суспендираше размената на разузнавачки информации со САД, изразувајќи загриженост дека американските напади се нелегални. Лондон не сака да биде, како што наведоа, „соучесник во можни кршења на меѓународното право“.
Британските служби со години помагаа во лоцирање бродови осомничени за пренос на дрога, чиј податоци се доставуваа до Заедничката меѓуагенциска работна група Југ во Флорида, каде учествуваат претставници на неколку држави. Целта на оваа група е борба против нелегалната трговија со дрога во регионот, но по последните настани — нејзината соработка со американската армија е под сериозен притисок.
