Соединетите Американски Држави воведоа воена блокада на сообраќајот што влегува и излегува од иранските пристаништа, откако пропаднаа мировните преговори одржани викендов.
Блокадата стапи во сила денеска во 16 часот по средноевропско време, а тензиите во регионот дополнително ескалираа откако Иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда се закани со одмазда.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека иранската морнарица е „целосно уништена“, наведувајќи дека се потопени 158 бродови. Тој предупреди дека секој ирански брод што ќе се приближи до зоната на блокада ќе биде уништен.
„Иранската морнарица лежи на дното на морето. Она што не го погодивме се нивните помали бродови за брз напад, бидејќи не ги сметавме за голема закана“, напиша Трамп на Truth Social.
Според Центарот за координација на поморската трговија на Велика Британија (UKMTO), ограничувањата се однесуваат на целиот ирански брег, вклучително и пристаништата и енергетската инфраструктура, како и на бродови под кое било знаме кои имаат врски со ирански пристаништа, нафтени терминали или офшор објекти.
На бродовите што моментално се наоѓаат во иранските пристаништа им е даден ограничен рок да ги напуштат тие зони.
Иако засега нема потврда дека транзитот низ Ормускиот теснец е целосно прекинат, се очекува засилено воено присуство, проверки и комуникации со пловните објекти.
Ескалацијата веќе има глобални последици — цената на нафтата повторно надмина 100 долари за барел, а берзите бележат пад поради страв од нов економски шок.
Ормускиот теснец, меѓу Иран и Оман, е една од најкритичните точки за светската енергетска безбедност. Низ него дневно минуваат околу 20 милиони барели нафта, односно речиси една петтина од глобалното производство, како и значителен дел од трговијата со течен природен гас.
