Саемот на книга ја надмина вообичаената посета од читателите и го враќа својот сјај. Заклучно со вчерашниот, последен ден, имаше 23 800 посетители, соопштија организаторите за завршеното 34-то издание на оваа саемска манифестација, која по две години се врати во редовниот пролетен термин.
-Сме организирале многу саеми, големи, гламурозни, технолошки напредни…но токму Саемот на книгата остана да нè вреднува налик на Хамлетовото „да се биде или не?“ Не ни беше тешко да ја преместуваме манифестацијата, да ја организираме под маски, со сертификати, без сертификати.., но во овие времиња не е важна формата конечно. Ќе дојде време, ќе посветиме внимание и на формата, но најважно беше манифестацијата да опстои. Со книга докажавме дека може да ги победиме сите премрежија, изјави Даниела Глигоровска, извршен директор на „Глобал медија груп“.
Саемот на книга се одржа од 3 до 9 мај 2022 во СЦ Арена „Борис Трајковски“, под покровителство на Министерството за култура. Се претставија над 60 издавачки куќи од земјава, Турција, Србија, Косово и Албанија и беше претставено Министерството за култура и туризам на Република Турција.
Беа организирани над 30 промоции и доделени наградите во организација на Македонската асоцијација на издавачи.