Апелацискиот суд во Дубровник ја потврди мерката притвор за македонски државјанин, сезонски вработен во хотел на островот Колочеп, осомничен за обид за силување на туристка од Велика Британија. Судот ја одби жалбата и притворот останува на сила до завршување на судењето, објави „Дубровачки дневник“.

Истражниот судија претходно одредил притвор, оценувајќи дека постојат основано сомнение и релевантни докази за кривичното дело. Одбраната поднела жалба, наведувајќи дека осомничениот е државјанин на земја што не е членка на Европската унија, но во решението за притвор „немало ништо посебно“ што би оправдало страв од бегство. Во жалбата било истакнато дека тој дал логична одбрана и дека нема опасност да ја избегне постапката поради деловни и семејни врски со Хрватска: работи во хотелот каде е евидентирано кривичното дело, има договор за вработување и за 2026 година, а сопругата долго време работи во истиот хотел и живее на островот со семејството.

Судот оцени дека овие наводи не се доволно убедливи и дека за делото постојат елементи што претставуваат „посериозно ниво на сомневање што укажува токму на конкретното лице“. Дополнително, деловните и семејните врски не се сметаат за доволно силни за да го задржат осомничениот на територијата на Хрватска, при што постои опасност од бегство и од попречување на постапката доколку биде пуштен од притвор.

Во тек на истрагата ќе биде испрашан и сведок кој бил во друштво со осомничениот, жртвата и нејзината пријателка, исто така британска државјанка, вечерта кога наводно се случил обидот за силување. Судот наведе дека пуштањето да се брани од слобода би можело да се злоупотреби за влијание врз сведоците со цел ублажување или отстранување на кривичната одговорност. Според Кривичниот законик на Република Хрватска, за сексуални односи без согласност е предвидена казна затвор од три до осум години.

Дубровничката полиција го уапсила осомничениот пред околу десет дена по пријава на британската туристка која престојувала во хотелот каде што работел. Хрватските медиуми потсетуваат и на други случаи во регионот со македонски државјани: пред две години скопјанец бил осуден на една и пол година затвор за серија измами (се претставувал како адвокат, избегал од хотел без да плати, лажно посредувал за работа), а во мај годинава 21-годишен прилепчанец, вработен во супермаркет, сторнирал 50 фискални сметки и ја присвоил готовината, со што бил оштетен трговски синџир за 6.000 евра; и во двата случаи лицата завршиле во притвор.