Уставниот суд ја укина одлуката поради непочитувана процедура

Протестите на ДУИ се политички мотивирани, а одлуката за имињата на улиците во Тетово е укината од Уставниот суд затоа што при нејзиното носење не биле почитувани законот и процедурите, изјави денеска Беким Сали од коалицијата Вреди, актуелен вицепремиер и министер за европски прашања.

Сали појасни дека постапката за имињата на улиците во Тетово веќе е започната одново, но овојпат, како што рече, ќе се води строго според важечките законски прописи.

Сали: Имињата биле менувани ноншалантно

Според Сали, одлуката за промена на имињата на улиците во Тетово во 2007 година била донесена само од страна на советниците, без да биде испочитувана законската процедура.

Тој нагласи дека за листата со предложени имиња требало да има одобрение од Владата, но такво одобрение во тоа време не било обезбедено. Поради тоа, како што оцени, имињата биле променети „на ноншалантен начин“, без де факто и де јуре да биде испочитувана процедурата.

Сали истакна дека речиси 20 години подоцна, Уставниот суд донел одлука спротивна на онаа од 2007 година, по што градот Тетово започнал нова постапка за промена на имињата, согласно актуелните закони и прописи.

Обвинувања кон ДУИ и став за можни избори во Тетово

Вицепремиерот обвини дека владеењето на ДУИ во локалната и централната власт се темелело на импровизации и политички договори, наместо на реални правни регулативи. Тој ги спомена правосудниот испит и имињата на улиците во Тетово како примери за проблеми што, според него, денес се решаваат еден по еден.

Во однос на шпекулациите за можни избори за Советот на Општина Тетово, Сали рече дека Вреди не бега од избори и смета дека има капацитет да победи, но додаде дека во моментов граѓаните имаат други приоритети. Тој оцени и дека анкетите кои покажуваат предност на ДУИ се нарачани, додавајќи дека сработеното од Вреди во изминатите 24 месеци ја покажува разликата со нивните претходници.