Во пресрет на вонредниот конгрес на Алијанса за Албанците на кој се избира нов претседател на партијата, министерот за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали, вели дека не очекува тие да станат дел од владиното мнозинство. Според Сали, нема знаци на зближување на партиските ставови на Алијанса за Албанците со владините политики.
Ова беше одговорот на Сали во емисијата 360° на ТВ Алсат на прашањето – дали деновите како министер му се избројани со оглед на најавите за влез на Алијанса во Владата и тоа со министер во неговиот ресор.
Според тоа што го гледаме на политичката сцена, не очекуваме некоја промена, бидејќи се зборуваше за вклучување на Алијанса за Албанците во владиниот состав, но сега, како што се приближува нивниот конгрес, немаат некоја симпатија кон Владата, а гледаме и противречни изјави кај в.д. претседателот на партијата. Така што, нема знаци на зближување на ставовите со владините политики за да станат дел од мнозинството – вели Сали.
Инаку, денеска во Центарот за култура во Тетово се одржува вонредниот конгрес на Алијанса за Албанците, на кој ќе се избира нов претседател на партијата, по оставката на поранешниот претседател Зијадин Села во август годинава како резултат на лошите резултати од вонредните избори за Советот на Општина Тетово.
Единствен кандидат за претседател е досегашниот потпретседател и вршител на должноста партиски претседател, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.