Мировната средба во Будимпешта останува во план, но деталите се уште се договараат

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денеска потврди дека се водат подготовки за можен самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој би се одржал во Будимпешта.

На Фејсбук, Орбан информира дека унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, е во Вашингтон и продолжуваат разговорите за организацијата на средбата, иако точниот датум сè уште не е дефиниран.

– Самитот ќе се одржи кога ќе дојде време, истакна Орбан.

Претходно, плановите за средба беа одложени откако Москва го отфрли предлогот за итен прекин на огнот во Украина. Трамп, пак, изјави дека „не сака залудна средба“ со Путин, но додаде дека јавноста ќе биде информирана за натамошните чекори во наредните два дена.